15 награди за општествена одговорност и филантропија
Од вкупно 48 номинации, петнаесетина компании и индивидуи си заминаа со награда во рацете, на вчерашното свечено доделување на Наградите за општествена одговорност и филантропија на компаниите за 2010 година, во организација на Центарот за институционален развој - ЦИРа. Во категоријата општествено одговорни компании, постојат повеќе подкатегории и тоа посебно за мали, средни и големи претпријатија. Наградата за компанија која има општествено одговорен однос кон своите вработени, ја понесе компанијата Гемакс трејд. За општествено одговорен однос кон животната средина ја наградија компанијата Макпетрол, додека за корпоративна филантропија награда понесоa Универзал Шабан ДООЕЛ, Еколог ДООЕЛ и Оне во категоријата на големи компании.
Од номинациите за севкупен придонес и интегриран пристап на компаниите кон општествената одговорност, награди понесоа малото претпријатие Раде Кончар од Скопје, средното претпријатие Вип оператор и Комерцијална банка во категоријата на големи претпријатија. Годинава за првпат се воведува и награда за стратешки пристап на менаџмент кон општествената одговорност, која оди во рацете на Виктор Доневски, како дел од менаџмент тимот на компанијата Оне.
Во категоријата за индивидуална филантропија, награден беше професорот Љупчо Ајдински од Македонија, а иста награда отиде и во рацете на Наќе Туфек Џиев од македонската дијаспора. Во категоријата на организации кои решаваат одредени проблеми од заедницата, беше награден Црвениот Крст од Скопје, додека во категоријата на институција која направила прогрес кон филантропијата нагрaдата ја делеа дневниот економски весник “Бизнис“ и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, кој издаде учебник посветен на оваа проблематика.
Во овие четири години на одржување на манифестацијата, по вторпат се воведува специјална награда за животна посветеност на филантропското делување, што ја добива бизнисменот Минчо Јорданов, кој со своите континуирани вложувања за доброто на заедницата, отскокнува од останатите номинирани кандидати.
| < Prev | Next > |
|---|