Од 47 номинирани, наградата за општествена одговорност ја добија петнаесет фирми и угледни бизнисмени.
За прв пат годинава ЦИР-а ја воведе и наградата за животна посветеност на филантропијата, а наградата ја доби бизнисменот Минчо Јорданов
Со ветување дека во иднина ќе донираат во корисно општествени цели и ќе бидат уште поодговорни кон општествената заедница, најдобрите петнаесет фирми и поединци, четврти пат годинава, завчеравечер заминаа со годишните признанија за филантропија и општествена одговорност за 2010 година од Центарот за институционален развој (ЦИР-а). Награда за најдобар филантроп-поединец од Македонија доби професорот Љупчо Ајдински, а од дијаспората Наќе Туфекџиев, Македонец од Шведска. Од претпријатијата, награда за одговорен однос кон животната средина доби компанијата „Макпетрол“, за корпоративна филантропија за големи фирми, мобилниот оператор „Оне“, а наградата за севкупна општествена одговорност за големи претпријатија ја доби Комерцијална банка.
За прв пат годинава ЦИР-а ја воведе и наградата за животна посветеност на филантропијата, а наградата ја доби бизнисменот Минчо Јорданов.
- Филантропијата е мојата филозофија на живеење и сметам дека донаторството е праведниот пат што во ова време на промени ги хуманизира и општеството и народот и барем малку ги изедначува луѓето меѓу себе - рече Јорданов.
Наградата за најдобар раководител на компанија за стратегиски поттик во развојот на општествената одговорност ја доби портпаролот на мобилниот оператор „Оне“, Виктор Доневски.
Меѓу другите за придонес во одговорното дејствување во општеството беа наградени и Црвениот крст на градот Скопје, „Еколог“, „ГЕМАК трејд“ и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје.
Наградите за филантропија и општествена одговорност ги доделува Центарот за институционален развој ЦИР-а. Целта на наградите е да се препознае одговорното дејствување во општеството и да им се оддаде признание на фирмите и на луѓето поединечно за нивниот придонес кон заживување и развој на солидарноста, почитта, етичноста, хуманоста и добротворството.
Автор: И.О. Фотографија: Дарко Андоновски
| < Prev |
|---|